Често поставувани прашања
Што е одложено плаќање?
Период на одложено плаќање е период за време на кредитот, кога заемопримачот не е должен да изврши плаќање на ануитетот. Тоа е период на чекање пред кредитокорисникот да започне да прави фиксни месечни плаќања
Одложено сервисирање на ануитетите претставува мерка која за прв пат се имплементира во банкарскиот сектор на Македонија. Одложеното сервисирање не е новина во банкарските пракси во светот, па дури и за балканските држави кои во одредени услови ја применувале оваа мерка со цел да ја поддржат државата во вонредни ситуации. А, во време на Ковид19, најголем број на банки во регионот и пошироко овозможија одложено плаќање до 3 месеци.
Одложеното плаќање на ануитетите на граѓаните и компаниите преку деловна одлука на банката во нашиот случај се прави за 6 месеци. Тоа е период за кој на граѓаните и фирмите им е потребна ликвидност која банката ќе им ја овозможи со паралелно продолжување на периодот на отплата за 6 месеци, со цел, месечниот ануитет за искористените средства да остане приближно ист и да не претставува посериозен товар во иднината.
Одложеното плаќање значи период во кој се пресметува камата по тековни услови, и поинаква пракса за ова кај банките како дел од реланиот сектор не постои, освен доколку истата не биде субвенционирана од некоја трета страна.
Мерката за одложување е наменета за тие лица кои за жал се соочуваат со намалени или укинати приливи во периодот на криза, и кои поради тоа не се во можност нормално да ги сервисираат своите обврски кон банката.
Клиенти кои имаат капацитет непречено да ги подмируваат своите обврски, секако, треба да продолжат со истото и да ја одбијат понудата со мерката.
Разлика помеѓу грејс период и одложена отплата?
Грејс период е период во кој се пресметува камата која се сервисира на месечно ниво за разлика од одложената отплата каде што клиентот нема месечни одливи кон банката
Грејс период е период во кој нема поместување во крајното доспевање на кредитот и во поголема мера влијае на висината на ануитетот, додека кај одложеното плаќање се додаваат број на месеци во иднина, надвор од првичното крајно доспевање со цел товарот на субјектот да остане издржлив и во рамки на неговите капацитети.
Дали може мало појаснување околу каматата за тој грејс период од 6 месеци. Бидејќи месечниот ануитет веќе е составен од главен дел и камата на кој износ ќе се пресметува дополнителна камата за овој 6-месечен период дали ова значи дека сите ќе имаме покачување на преостанатиот дел за плаќање.
За цело времетраење на грејс периодот, Банката ќе пресметува камата по каматна стапка предвидена во Договорот за кредит, односно нема да има дополнителна камата, туку само редовната камата. По истек на предвидениот грејс период од 6 месеци, каматата пресметана во грејс периодот ќе се распореди (ќе се додаде) на кредитното салдо на кредитот и рамномерно ќе се распореди за наплата во ануитетите согласно новиот амортизационен план. Да, ова значи дека би имале мало зголемување на ануитетите во остатокот од отплатата, но истовремено ќе се пролонгира и рокот на отплата на кредитот со што се овозможува зголемувањето на ануитетот да биде минимално.
Кредитот ми е со салдо од 600.000,00 МКД со каматна стапка од 6% месечна камата во моментот со остаток од 84 месеци?
Износот на камата кој месечно ќе се пресметува изнесува 3.000,00 МКД видно и од вашиот Амортизационен план, вкупниот износ за 6 месеци ќе изнесува 18.000,00 МКД, износ кој ќе се распореди на останатиот период од 84 месеци или месечно 215 МКД. Нема да плаќате ануитет 6 месеци во износ од 8.765,00 МКД или за 6месеци 52.590,00 МКД а затоа во идниот период ќе платите 215 МКД повисок износ на ануитет.
Дали се однесува на сите производи?
Доколку клиентот има повеќе кредитни задолжувања, (доколку користи повеќе кредитни производи) истиот се стекнува со право за одлагање на ратите/каматите за секој производ.
Од кога трае мерката? Со кои обврски започнува со кои завршува?
Одложување на мерката започнува со пресметката на ануитетите од 01.03.2020 и трае до 31.08.2020. значи со користење на оваа мерка се стекнувате со можност за одложено плаќање на прв ануитет од 31.03.2020 година и последен 31.08.2020 година. Прв следен ануитет по одложеното сервисирање се задолжува на 30.09.2020 година.
Дали и кредитите кои се подигнати во март и следните месеци ќе бидат ставени во мирување?
Кредитите подигнати во март 2020 година, не се опфатени во понудата, имајќи ги во предвид критериумите предвидени од надлежните органи. Но, Банката за кратко време ќе понуди мерки и за овие кредити (за физички лица кои ќе имаат потреба од олеснувања), за што дополнително ќе известиме.
Дали трајните налози ќе бидат ставени во мирување? Што со Административните забрани?
Трајниот налог ќе остане активен, но поради одложеното плаќање нема да имате доспеан долг за кој трајниот налог би префрлил средства кон кредитната партија. Ова е од причина да не ви се деактивира со што би требало повторно да доставувате барање за активација. Доколку Вашиот кредит се отплатува со административна забрана, Ве молиме да го известите Вашиот работодавач дека за време на грејс периодот истата треба да ја стави во мирување. Банката ќе направи напор за што пократко време да извести поголемите компании и институции за клиентите кои ќе ја користат мерката но не пред крајниот рок за прифаќање односно одбивање на понудата 05.04.2020 година со цел да имаме конечен број на клиенти и нивна идентификација.
Дали важи за пензионерите ?
Понудата важи за сите клиенти кои се класифицирани во категорија на ризик А, Б или В и немаат статус на сомнителни и спорни побарувања (нефункционални), односно во своето досегашно работење со Банката не доцнеле подолго од 90 дена при отплата на обврските. Вклучително и пензионерите тргнувајки од фактот дека секој е или може да биде засегнат директно или индиректно. Тоа стои и во соопштението а ние преку нашите филијали ќе направиме напор директно да ги контактираме сите пензионери со цел поблиску да им објасниме и направиме пресметки со оглед на ограничените канали за комуникација и со тоа да бидеме сигурни дека убаво секој ја разбира мерката.